Епитаф за една ѕвезда

Thursday, December 5, 2013

Со сета сила те заборавам. И со сета сила те паметам.
Панично се држам за спомените како мразулец за раб на залезот на зимата.
Силна прегратка, излажано „не сакам“ и бакнеж во образ за збогум,
споменици на немоќта да ги кажеме вистинските нешта во вистинско време.

Сизифовски трагам по различен исход,
додека ја напуштам можноста случајно да те сретнам.
При секој запрен здив, ја наслушнувам расправијата во себе:
„Мораш!“ „Ама не сакам, убаво ми е!“

Повторно одлучувам. Ќе ми поминеш. 
Ќе те снема во ретровизорот.
Ќе те искоренам како плевел.
Не постепено. Одеднаш.
Пороците не се откажуваат постепено.

И можеби не беше дента, 
ни утредента, ни тој месец, 
но некаде меѓу тој миг и крајот на вечноста 
престана да ми бидеш мислата со која заспивам.

Како мајско ветре што потсетува дека сѐ уште не е лето, 
дека е прерано за пакување џемпери и спомени, 
во март повторно се сетив.
И те посетив, те прочитав, те преболев.
„Такви се заљубувањата,“ ми рече еднаш.
„Како ѕвездите. Светнуваат силно и прегоруваат. 
Смртта е цената да светнат во сиот сјај.“

Ова е мојот епитаф за едно несреќно заљубување. 
Епитаф без датум на умирање.
„За разминатите чувства и недоволно посакуваните планови. 
За недореченото, а преболеното“.
Епитаф за нашата прегорена ѕвезда.

0 comments:

Post a Comment