Времепловот на потсвеста

Tuesday, December 3, 2013

Гомила испрекинати сцени. Како црно-бел филм на рачен проектор.
Гледаме цртани и се смееме. И сиот свет се смее со нас.
Безуспешно ме учи да нуркам.
Вежбаме балетска шеста позиција. Стомаци вовлечени ко на сватови.
Приказни за градот во кој бил војник.
Премолчена тага за стариот мостарски мост.
„Од прле магаре ќе биде, од тебе ќерко шофер тешко,“ вели додека тргам напред, наместо во рикверц.
Подварок, енциклопедии и дискусија за соларните ветрови.

Следна сцена, јас, книгите и врата што се затвора.
„Чекај, уште ова!“ се провикнувам. Ми одговара штамата.
А толку многу имав за кажување.
Сакав да му кажам дека ги научив падежите и веќе не звучам ко од Лесковац.
Дека паркирам без последици.
Дека мајка ми готви за четворица и кога сме само две.
Дека и саканиот ми е поклоник на неговиот култ кон предејанските лепињи.
Дека децата сѐ уште му се сложни, вљубени и љубени.
Всушност, само сакав да му кажам дека станавме луѓе.
Полесно ќе беше да верував во живот после смртта.

Мокра перница. Проклета да си потсвест моја! Проклета!

0 comments:

Post a Comment