Почетоци и повторувања

Sunday, December 15, 2013

„Животот е тркало. Повторливо, едно те исто секој ден,“ знаеше да каже баба ми.
„Стара е баба, секако дека нејзе секој ден ѝ е ист,“ си мислев тогаш.
Но ете, многу години подоцна, ми се случува дежа живеење. Како веќе да сме биле во штотуку отворениот ресторан, како веќе да сме ја потрошиле таа тема на разговор, како мисливе веќе да живееле во мојата глава, како да сум се смеела вака и на друга шега. Дури и овие редови како веќе да сум ги пишувала.

Синоќа испив повеќе греено вино отколку што ми носеа нозете. И полека чекорев кон дома по украсените улици. Чекор по чекор, нога пред нога. Еднакви чекори, но секој тежок на свој начин. АХААА! Се сепнувам и растегнувам задоволна насмевка како да сум ја открила најголемата универзумска тајна.

Не е животот низа повторувања, туку повторлива низа почетоци. Како охридски бисери. Секој совршен сам по себе, слични еден на друг, а сепак различни и посебни. Не постојат два исти денови, нити две чаши вино со ист вкус, нити две исти доживувања на една песна, нити две исти болки, нити две исти заљубувања, дури ни два исти бакнежи. И страсните, и нежните, и украдените, сите бакнежи се различни.

Згрешила баба ми. Животот не е какво било тркало. Животот е воденичко тркало! Водата што ја зема со секое нацрпување е различна. И житото е различно, без две исти зрна. Низ истиот процес завршуваат како различно брашно и различна вода. Така и ние, секој ден го започнуваме и завршуваме различни, а сепак секој ден исто нѐ меле. Секој ден, нов почеток во низата.

0 comments:

Post a Comment