Пролетна илузија

Sunday, December 29, 2013

Осамените никогаш не биле зимољупци.
Каучот е преголем за еден во зима.
И филмовите за загушување на самотијата претивки.
И насмеаните луѓе поприсутни од подносливото, празниците предолго траат, 
а виното е недоволно да убие болка.
Сѐ е полесно кога ќе запролети.

И што секој ден ти е на работ, ќе паднеш или ќе летнеш.
И непишувањето оти знаеш дека не сака вкрстени универзуми.
И надежта за зрак светлина во ноќта. Не метафорична, ами од телефонот до перница што дошепнува дека му текнало на тебе кога пијан се влечел кон дома.
Еднакво осамен и болно згрчен, со грст молби да го чекаш на аголот меѓу реалноста и заедничките соништа.
И тишината и мракот.
Сѐ е полесно кога ќе запролети.

И што ко мајка разделена од децата будна го дочекуваш утрото. 
И плачот под утринскиот туш оти водата мие само однадвор.
И болката под градите, не на допир, туку длабоко внатре. 
Онаа на секоја помисла на него, на минутите неизживеани заедно. 
Таа што боли повеќе од вадење заб без анестезија, повеќе од скршена рака. 
Таа што боли како скршен дух, како повредено его, како откорната душа.
И таа болка.
Сѐ е полесно кога ќе запролети.

Напролет чиниш пепелта сама се расчистува.

И Фениксот се раѓа одново.
И новиот, многубоен свет полесно се гради.
И поубави гнезда се прават. За некои нови птици.
Сѐ е полесно кога ќе запролети. Во срцето.

0 comments:

Post a Comment