0

Не оди си

Thursday, February 6, 2014

Откако ќе заминеш,
долго ќе ме гушат неизглаголените зборови заглавени во грлото, 
еве овде, кадешто ми застана здивот при првиот бакнеж.

Откако ќе заминеш,
долго ќе ми биде тешка тишината.
Тешка и траурна и прегласна, а потребна.
Долго ќе го чувам кутивчето откорнати воздишки затворено,
да не случајно остане попразно од Пандориното.
А новите ние ќе се одминуваме
и несмасно ќе учиме како пак да ползиме.

Откако ќе заминеш,
долго ќе се плашиме од усни; 
таму домуваат најмоќните, 
бакнежите и зборовите.

Откако ќе заминеш,
долго ќе се качувам навечер на сопствената тврдина;
таму тапо ќе се загледувам во светлата на градот
и ќе им смислувам среќни судбини на неродените ни деца.

„Не оди си,“ врескам во себе.