Експерт за разделби

Thursday, December 26, 2013

За многу малку работи сум експерт. 
Можеби единствено за мандарини и разделби всушност. 
Првото од љубов, второто од нужност.
Животот ме раснел ко булка, на места знајни и незнајни.
Неплански сум пуштала корени покрај патишта и пруги, во срца и животи туѓи.

Не се ни сеќавам кога првпат кажав „збогум“. 
Последниот беше на распустот второ за трето.
Со Емир се гушнавме ко да ни е последно.
Не знаевме дека навистина ни е.
Оттогаш суеверно велам „се гледаме скоро“.

Не се ни сеќавам кога научив да се смеам и кога сум тажна.

Без напор да доловувам леснина при срце претешко за зборови.
Не се ни сеќавам кога научив да планирам средби и разделби една до друга,
ко котелци во плетка, без простор меѓу нив за воздух,
за тага, за размислување и солзи.

Се тркалам од место до место, 
од едно пријателство до друго, 
од едно искуство до некое ново, 
од една промашена прилика да научам лекција до наредна. 
„Без разделувања ќе нема ни нови среќавања,“ се тешам. 

А спомените грижливо ги мотам во стар весник, со кора од мандарина, 

да не би случајно да замирисаат на изветвено.
„Од багаж што имате?“ 
„Само рачен,“ лукаво се смешкам под мустаќ.
Багажот што го носам тежи многу повеќе од дозволеното.

0 comments:

Post a Comment